Во Подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување на Македонија во Скопје има пулт за информации на кој граѓаните и осигурениците може бесплатно да ги добијат сите потребни информации во врска со сите услуги на ФЗОМ.
Од Фондот соопштија дека лицата кои работат на пултот се обучени да им помогнат на осигурениците во пополнување на сите потребни формулари, доколку имаат потреба за тоа. Формуларите, кои се потребни за остварување на некое право, се бесплатни.
Пултот за информации и за помош за пополнување документи се наоѓа веднаш на влезот во подрачната служба и е видно означен како пулт за информации. Забележано е дека пред просториите на Подрачната служба Скопје има лица кои им наплаќаат пари на осигурениците за да им пополнат формулари. Токму затоа, овој апел има за цел да ги информира осигурениците дека во ФЗОМ има посебно лице во видлива црвена униформа на ФЗОМ, на посебен пулт за информации и пополнување документи, стои во соопштението.
ФЗОМ, истакнуваат оттаму, е посветен на правилно организирање на работата на подрачните служби и води сметка осигурениците да не бидат оштетени и да бидат предмет на манипулација на лица кои ги лажат осигурениците и им земаат пари за услуги кои се бесплатни. Сите формулари се достапни на веб страницата www.fzo.org.mk во делот (обрасци за осигурените лица) и тие може да се отпечатат. За секој образец постои и упатство како да се пополни, како и документи кои се потребни да се приложат за бараната услуга.