Со падот на либискиот режим и ликвидацијата на лидерот Моамер Гадафи поради неговиот начин на раководење на Либија, се открија многу негови лоши „навики“, а последна од нив е насилниот „третман“ кон жените од неговото потесното окружување.
Дека Гадафи беше љубител на убави жени не беше тајна. Всушност тој користеше специјална единица, жени – војници, како негово лично обезбедување познати под името „Амазонки“.
„Иако тие беа беспрекорно лојални, сепак диктаторот безмилосно сексуално ги злоставувал, по што ги „канализирал“ во своите воени служби“, тврди познатата француска новинарка Аник Козан во својата книга „Плен: Во харемот на Гадафи“.
Таа за својата книга обезбедила сведочења од младите девојки и жени на кои Гадафи им го претворил животот во кошмар, земајќи ги за свои сексуални робови.
„Гадафи ги тепал, силувал, се „изживувал“ со нив, ги мачел. Силувањето му било главно оружје за демонстрацијата на својата моќ, начин на кој тој доминирал со другите“ – вели новинарката од францускиот „Ле монд“.
Клучна „фигура“ во нејзината книга е случајот „Сораја“, под чие име се крие млада девојка која и покрај стравот се одлучила да проговори за се она што се случувало во подземните апартмани на либискиот харем. Таа била киднапирана уште на 15 години од училиштето веднаш штом на Гадафи му паднала во очи. Сораја проговорила за се она што и правел Гадафи, како и тоа дека нејзиното семејство се откажало од неа. Во моментот живее во бегство поради страв од одмазда од нејзините браќа.
Во Либија жените се сметаат самите виновни за силувањето. Тоа е голем срам за семејството и тоа според нивните правила, за семејството најдобро е да ја убие силуваната девојка.
Иако во Либија денеска слободно се разговара за злосторствата на Гадафи, сепак либискиот народ се уште не е подготвен да се справи со деталите за злоупотребувањето на жените.