Водотеците во Македонија кои се излеаја по обилните врнежи од дожд денеска се повлекуваат поради стабилизацијата на времето и престанокот на врнежите, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
ДЗС преку своите подрачни одделенија ја следи состојбата со водотеците и се подготвени да дејствуваат соодветно доколку се влоши состојбата.
Центарот за управување со кризи, пак, информира дека како последица од невремето проследено од врнежи од дожд вечерта на 18 ноември на подрачјето на општината Чучер Сандево настанала поплава во атарот на спортскиот аеродром „Стенковец“. Поплавата ја предизвикала Бразданска река, која ја сочинуваат Мирковска, Кучевишка и Бањанска река. Реката се излеала преку аеродромот и направила поплава јужно се до бензиската пумпа „Беса петрол“. Во текот на вчерашниот ден се интервенирало со багер.
Поради надојдените води во селото Кадино е урнат насипот на Прилепска река од левата страна на мостот при што се поплавени земјоделски површини. Како последица на интензивните врнежи и неможноста водата да биде примена од каналската мрежа имало излевање на вода на регионалниот пат Прилеп – Крушево кај месноста викана Бегова Ливада. На влезот на градот Прилеп имало поплавување на коловозот кај Паркот на револуцијата заради малата пропусна моќ на канализациската мрежа.
Од ЦУК потенцираат дека во општина Могила се најизразени последиците од обилните врнежи на дожд и проблеми во функционирањето на одводната каналска мрежа (примарна, секундарна и терцијална). Кај село Дедебалци имало излевање на канал и полавена е обработлива земјоделска површина пред влезот на селото од десната страна на регионалниот пат Новаци – Добрушево, како и во атарот на селото Ношпал каде што е поплавена обработлива земјоделска површина.
На влив на канал во реката Црна има излевање водата и поплавена е обработлива земјоделска површина. Во текот на денот еден скип на Комуналното јавно претпријатие на ЕЛС Новаци и еден скип на ЈП Водостопанство „Битолско Поле“, интервенирале на сите места каде што дозволувале теренските услови. На терен биле присутни претставници од РЦУК Битола, ДЗС Битола, ЈП „Битолско Поле“ и од ЕЛС Могила.
По врнежите во текот на ноќта меѓу 18 и 19 ноември дошло до прелевање на реката Тополка пред селото Чашка кај стадионот од двете страни. Според известувањето од ТППЕ Велес, кај населбата Превалец, водостојот на реката Тополка се намалува и нема знаци за опасност од натамошно излевање.
Како последица на силниот дожд што ја зафати општина Куманово и околината во текот на истата ноќ регистрирани се излевања на реките Липковка, Којнарка и Кумановка на повеќе места. Реката Липковка се излеала на потегот од село Лопате кон село Режановце и во населба Бедиње. Поплавени се земјоделско земјиште, градежни објекти главно штали, шупи и гаражи. Поплавено е и ЈП „Шумско стопанство – Расадник“ во населбата Бедиње.
Реката Липковка се излеала на потегот од селото Лопате до мостот на автопатот Е-75 (Куманово-Табановце) во должина од 1,6 километри. Реката Којнарка се излеала во селото Долно Којнаре при што е поплавено земјоделско земјиште и 15 објекти по течението на реката. Поплавени се механичарската работилница ,,Васе‘‘ кон магистралниот пат Куманово – Крива Паланка, дел од улицата „Никола Тесла“, дел од индустрискиот комплекс ,,Златен клас‘‘ се до железничкиот мост во населбата Циглана.
Реката Кумановка се излеала во населба Средорек и кај комплекс на станбени згради на улицата „Октомвриска револуција“, кај локалитет Водовод, во селото Проевце кај место викано Бавчи до мостот „Митев мост‘‘, во населба Доброшане каде реката е излеана во должина од два километра и има прекин на локалниот пат на потег село Доброшане – село Шупљи камен. Поплавено е обработливо земјоделско земјиште и станбени објекти со придружни објекти.
Во моментот се работи на оспособување на патниот правец. На терен се претставници на РЦУК Куманово, претставници од општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково, ТППЕ Куманово кои со екипи вршеа испумпување на вода од подрумските простории. ЈП „Водовод“ со своја механизација веќе ги има санирано последиците на локалитетот ,,Водовод‘‘.