Соопштението на Српската радикална партија на Воислав Шешељ, во кое порачува дека нема да се откаже од Република Српска Краина и Вуковар, предизвика бурни реакции кај хрватската политичка јавност, која по тој повод бара реакција од Србија и враќање на лидерот на радикалите во Хаг.
По острата реакција на хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, кој поради привременото ослободување на Шешељ му пишал на претседателот на Трибуналот Теодор Мерон, и шефицата на хрватската дипломатија Весна Пусиќ која го смета Шешељ како „опасен фактор“ за регионот, се огласи и хрватскиот министер за правда Орсат Миљениќ, кој исто така, смета дека лидерот на радикалите треба да се врати во Хаг, јавува Хина.
Миљениќ истакна дека „однесувањето на обвинетиот за воени злосторства и лидер на српските радикали покажува дека неговото место е во затвор, а целата ситуација по неговото ослободување за Хашкиот трибунал треба да биде апсолутно неприфатлива“.
Тој нагласи дека хрватската Влада во рамки на своите можности веќе презема „некои работи во врска со случајот на Шешељ“, но не соопшти повеќе детали.
– Јас не сум медицински експерт, но ми изгледа дека некој што е во состојба така јавно да настапува, тогаш сигурно е во состојба да го чека и судењето во притвор, додаде хрватскиот министер.
Според него апсурдно е и што главниот хашки обвинител Серж Брамерц се наоѓа истовремено во Белград кога Шешељ дава изјави за „Голема Србија“, а ништо не се случува.
И хрватскиот пратеник во Европскиот парламент, Тонино Пицула побара помош од ЕУ и ќе бара од ЕП да усвои „резолуција за Шешељ“.
Независната пратеничка и поранешна премиерка Јадранка Косор изјави пред новинарите дека подготвува декларација, со која Хрватскиот сабор ќе реагира на изјавите на Шешељ, односно ќе ја предупреди Србија на сите обврски кои ги има како кандидат за членство во ЕУ. Таа истакна дека околу овој документ почнала консултации со парламентарните групи, а истиот ќе биде испратен до Меѓународниот кривичен суд, до Брамерц и до Мерон.
– Шешељ и се заканува на соседната држава Хрватска и некој мора да реагира на тоа, објасни Косор.