Обилните врнежи што ја зафатија Македонија предизвикаа излевање на реките во општина Куманово.
Дирекцијата за заштита и спасување денеска соопшти дека поради излевање на Липковска река поплавен е дел од паркинг со возила и пешачки патеки кои служат за пристап до станбени објекти кај локалитетот Водовод. Поплавена е и фарма каде засега не може да се интервенира бидејќи сопственикот е недостапен. Липковска река е излеана и во населбата Средорек каде се поплавени две куќи.
Излеана е и Којнарска река при што се поплавени 15 куќи на улицата „Никола Тесла“ и земјоделски површини кај селото Долно Којнаре.
Кај селото Доброшане излеана е Кумановска река при што е поплавена една куќа, а кај селото Лопате – Ропаљски Дол има излевање на реката Луга која поплавила две штали и трактор.
Од Дирекцијата за заштита и спасување доставени се над 1000 вреќи со песок и една машина која ќе биде употребена за санирање на оние места каде е неопходно.