На грчко-албанската граница во тек е обемна полициска операција со цел да се отстранат сириските бегалци кои се собраа на реката Какавија во обид илегално да влезат во Албанија, а потоа во друга европска земја, јави дописникот на МИА од Атина.
Сириските бегалци последните недели во шумата крај границата поставија импровизирани кампови направени од стебла и гранки со цел да се заштитат од студот и дождот.
Поголем дел од бегалците имаат документ издаден од страна на грчките власти со важност од шест месеци со кој им се забранува да се движат во пристанишните градови Пиреја, Патрас, Игуменица и Крф, кои имаат директен пристап до Италија. Но, Сиријците најдоа уште еден начин да дојдат до Европа, преку грчко-албанската граница.
Грчката полиција соопшти дека бегалците ќе бидат привремено притворени, со цел да им се проверат патните исправи.