Француската полиција денеска во повеќе градови го спречи одржувањето на протестите поради антиисламскиот филм и карикатурата на пророкот Мухамед, и притоа уапси 21 демонстрант во Париз.
Полицијата уапси неколку жени со фереџиња, а сите уапсени биле затекнати во близина на парискиот плоштад Конкорд, каде пред една недела беше одржан протест за кој немаше одобрување од властите.
Специјални полициски сили денеска се распоредени во неколку делови на Париз, за да се осигура почитувањето на забраната за протести поврзани со спорниот филм „Невиноста на муслиманите“ и карикатурата на пророкот Мухамед во француското списание „Шарли Ебдо“.
Полицијата ги спречи собирите и во градот Лил на северот на земјата каде што десетина жени се обидоа да протестираат.
Оваа недела на социјалните мрежи се појавија многу повици муслиманите во Франција повторно да се кренат на протести.