„На својот последен прес ВМРО-ДПМНЕ призна дека во Гевгелија сеуште се пие вода со отровен Арсен, стандардите биле променети, односно дозволеното присуство на Арсен со Правилник е намалено.
Сепак небитно е дали присуството на Арсен е намалено, Арсенот сеуште излегува од чешмите и покрај укажувањата на надлежните државни институции дека водата за пиење во Гевгелија НЕ ОДГОВАРА на законските прописи и дека истата не е безбедна за пиење“, рече на денешната прес-конференција, претседателот на ОО на СДСМ Гевгелија, Сашо Поцков.
„Стандардите на кои се повикувате, ги донесе Владата на ДПМНЕ во 2008 година во форма на Закон. Истата таа Влада ги донесе законите според кои:
-таксистите треба да учат англиски јазик,
-лекарите да се плаќаат по учинок,
-студентите екстерно да ги тестираат-проверуваат,
-дуќаните задолжително да имаат по две фискални каси,
И за непочитувањето на законите, ДПМНЕ пропиша дебели казни.
Очигледно е дека законите во Македонија важат само за нас граѓаните, но никако не важат за сегашната власт.
Средствата од огромниот кредит Комуналното ги потроши за набавка на нови водомери кои не го задржаа отровниот Арсен, туку само дупло ги зголемија сметките за потрошената вода на граѓаните. Кај некои домаќинства сметките се зголемени дури и за 5 пати, па добиваат месечни сметки со сума дури и до 3000 денари.
А згора на се, кредитот ќе треба да го враќаат истите тие наши граѓани.
Конската брана не е започната да се гради, иако во Изборната програма на Франгов е предвидена како Проект со рок на реализација 2014 – 2017 година.
И наместо да излезе градоначалникот Франгов, и да им одговори на гевгеличани, тој по кој знае кој пат се сокри зад општинскиот портпарол, кој кутриот пак не знае во чие име зборува: дали во име на Владата, дали во име на ВМРО ДПМНЕ, или во име на Општина Гевгелија. Истиот тој не е платен: ниту од касата на партијата, ниту од Владата, ниту од џебот на Франгов, туку е платен од парите на граѓаните на Општина Гевгелија.
Уште еднаш се потврди дека челниците на ДПМНЕ не трпат добронамерни критики за своето лошо работење. Во недостиг на одговори и аргументи за прашањата што ги засегаат граѓаните, ВМРО ДПМНЕ во свој стил одговори со навреди и лични дискредитации“, изјави Сашо Поцков.