Македонскиот претседател, Ѓорѓе Иванов кој ќе има обраќање на генералната дебата на ОН, а во Њујорк ќе има средба со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, како и со специјален пратеник за името Метју Нимиц, се најавува дека ќе го реафирмира барањето за деблокада на македонските интеграциски процеси за членство во Европската унија и НАТО, преку почитување на пресудата од Хаг и меѓународно преземените обврски. Од кабинетот на Иванов велат и дека претседателот ќе побара и деблокада на процесот кој се води под покровителство на генералниот секретар на ОН за надминување на разликата околу името.
Предвидени се билатерални средби на претседателот Иванов со шефови на држави и влади, како и учество на настани кои овозможуваат средби и контакти со меѓународни претставници, како што се приемот кој во чест на шефовите на делегациите го приредува претседателот на САД Барак Обама, приемот кој го приредува генералниот секретар Бан Ки-мун, и приемот кој по повод отворањето на новите простории на ЕУ при ОН го приредуваат претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј, високиот претставник за надворешни прашања и безбедносна политика Кетрин Ештон и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.
По пристигнувањето во САД, претседателот на Република Македонија ќе се сретне со претставниците на македонската дијаспора во Њу Џерси, при што ќе присуствува на свечена вечера организирана во негова чест од црковниот одбор на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Сидер Гроф и на неделна литургија во црквата „Св. Никола“ во Тотова.
На покана на Универзитетот „Харвард“, претседателот Иванов ќе одржи предавање на Правниот факултет при овој универзитет, а ќе оствари и средба со македонските студенти кои студираат на „Харвард“.