Американскиот министер за одбрана Чак Хејгл изјави дека наредил формирање на специјална група од 30 медицински лица, кои доколку е потребно, ќе му помагаат на цивилниот медицински персонал во САД во справувањето со еболата.
Задачата за формирање на групата му е доделена на шефот на Северната команда на Вооружените сили на САД, генералот Чак Џејкоби, изјави портпаролот на Пентагон, контраадмиралот Џо Кирби.
Екипата ќе се состои од 20 медицински сестри со искуство за грижа за пациенти во тешка состојба, петмина лекари за инфективни болести и петмина инструктори за протоколот за спречување на заразата.
Групата ќе мине обука во Форт Сам во Сан Антонио, Тексас, по што ќе биде подготвена за испраќање во кое било место во земјата.
– Медицинските лица нема да патуваат во западна Африка или во која било друга земја, туку тие ќе пружаат помош на територијата на САД, доколку цивилните лекари сметаат дека тоа е потребно, додаде Кирби.
Во САД досега се потврдени три случаи на заразени од ебола, Либериецот Томас Данкан, кој почина пред неколку дена, и две медицински сестри, кои се грижеле за него. Во моментов повеќе од сто лица, кои биле во контакт со нив се ставени под набљудување.