Ненад Зивчевиќ, еден од двајцата најефикасни кошаркари на МЗТ Скопје Аеродром во синоќешната победа над Шолнок, изјави дека новиот тренер Врбица Стефанов е најзаслужен за позитивниот резултат.
– По смената на тренерот ни се врати позитивната атмосфера. Одигравме тимски, а ја имавме и поддршката од нашите навивачи и покрај слабото издание во средата против Фени. Сепак друг фактор одлучи за победата, а тоа е новиот тренер Врбица Стефанов и нему би му ги препишал сите заслуги, бидејќи ја врати самодовербата кај нас и ни даде голема слобода во играта, рече Зивчевиќ на прес-конференцијата по натпреварот.
МЗТ Скопје Аеродром славеше победа со 74:58, втора сезонска во АБА лигата, а свое деби на клупата на аеродромци и воопшто во неговата професионална тренерска кариера имаше Врбица Стефанов.