Кинеската фармацевтска компанија „Сихуан фармасјутикал холдингс груп“, која тесно соработува со армијата, на кинеските хуманитарци во Африка им испрати експериментален лек против еболата и планира таму да спроведе клинички тестирања во борбата против ширењето на оваа смртоносна болест, изјавија претставници на оваа компанија.
Компанијата во Африка испратила неколку илјади дози од лекот ЈК-05, изјави директорот Џиа Џонгсјин, додавајќи дека можно е да бидат испратени и повеќе дози доколку се покаже за потребно, пренесоа британските медиуми.
– Хуманитарните работници веќе го понеле лекот со себе и, доколку меѓу нив се појави сомнителен случај, лекот може да се употреби, објасни Хуо Чаисја, помошник на генералниот директор на компанијата.
Таа додаде дека компанијата се подготвува за клинички тестирања во Африка и дека лекот може да биде тестиран на афрички пациенти заболени од ебола.
Според неа, појавата на ебола во Азија или Кина ќе го забрза изнесувањето на лекот на пазарот.
Во Африка живеат околу милион Кинези од кои околу 10.000 во најпогодените земји – Сиера Леоне, Гвинеја и Либерија, наведуваат британските медиуми, кои напоменуваат дека ниту еден кинески државјанин досега не е заразен со овој вирус.
Фармацевтската куќа „Сихуан“, која е во делумна сопственост на американската инвестициска банка „Морган Стенли“, се надева дека брзо ќе успее да го обезбеди овој лек за цивилна употреба во Кина.
Компанијата потпишала договор со Академијата за военомедицински науки (АММС), за да добие одобрение за користење на лекот во Кина и за да го изнесе на пазар.
Лекот, што во Кина е одобрен само за итна воена употреба, прво го разви АММС.
Кинеската војска на „Сихуану“ и даде зелено светло за производство на итни залихи од лекот, што досега не е користен врз луѓето, иако компанијата наведува дека се покажал како ефикасен во текот на тестирањата врз глувци.
Доколку се покжае дека станува збор за ефикасен лек, тоа ќе биде голем плус за кинескиот медицински сектор и стимуланс за „меката моќ“ во Африка, која е се поважен партнер на втората по големина светска економска сила.
Кина во Африка испрати стотици хуманитарци за да помогнат во борбата против еболата, како и медицинска помош вредна повеќе од 35 милиони долари.