Дванаесттиот општински натпревар „Млад библиотекар” денеска се одржа во Куманово во организација на библиотеката „Тане Георгиевски“. На натпреварот учествуваат триесетина ученици од сите основни училишта од градот.
– На натпреварот учествуваат по тројца ученици од вишите одделенија од основните училишта. Учениците се подготвуваа за овој натпревар од прирачникот издаден од библиотекарската асоцијација, истакна Нада Ивановска, директор на библиотеката „Тане Георгиевски “.
Победникот на овој натпревар ќе се натпреварува на државниот натпревар кој ќе се оддржи во Велес, на 24 октомври оваа година. Како што информираат надлежните од библиотеката, досега учесниците од Куманово на државниот натпревар освоиле пет први места.
Од 15 октомври до 15 ноември се оддржува манифестацијата „Месецот на книгата” која вклучува литературни читања и промоции на книги и засилени активности за зголемување на интересот кај корисниците за читање книги.
– Во рамките на овој месец, библиотеката има посебна програма во насока на популаризација на книгата, на поттикнување на младите и сите корисници на библиотечните фондови на читање и зајмување книги, додава Ивановска.
На 17 октовмри, во просториите на библиотеката во 19 часот ќе се оддржи литературно читање на кое ќе учествуваат петнаесетина еминентни писатели, членови на Друштвото на писателите на Македонија. Во рамките на манифестацијата ќе следат промоции на книги наградени со врвни признанија.
Од библиотеката информираат дека е распишан литературен конкурс на кој ќе творат ученици од основните и средните училишта. Завршната манифестација на „Месецот на книгата”, најавија од библиотеката, ќе се оддржи на 14 ти ноември во основното училиште „Христијан Т. Карпош“ кога ќе бидат доделени наградите на најдобрите учесници.