Првата пратка од 15 товарни вагони што за МЖ Транспорт ги произведува словачката компанија ЖОС Трнава ќе стигнат до крајот на месецов или во првата недела на ноември, а сите 150 до првата половина на јануари, информира денеска директорот на МЖ Транспорт Оливер Деркоски.
Набавката на товарните вагони изнесува 13,2 милиони евра. Со оваа ивестиција, согласно потпишаниот договор, МЖ „Транспорт“ ќе го обнови возниот парк со 75 отворени вагони и исто толку плато вагони.
Со обновата на возниот парк, според Деркоски, ќе се намалат трошоците за одржување на постојниот возен парк, но и ќе бидат дел од новите договори за превоз на стка од пристаништето Пиреја кон Средна Европа.
– МЖ Транспорт моментно располага со околу 1.000 товарни вагони од различни типови. Набавката на новите значи почеток на обновување на возниот парк затоа што товарниот вагони во нашиот состав се прилично стари и одржувањето бара зголемени трошоци од нашата компанија. Со набавката на новите вагони всушност се намалуваат трошоците, но и се вклучуваме во нови превози од пристаништето Пиреја кон Средна Европа, изјави деркоски, одговарајќина новинарски прашања по отворањето на годишната конференција за превоз на особени пратки на Mеѓународната железничка унија.
Покрај товарни вагони, МЖ Транспорт набавува и шест патнички железнички гарнитури. Испораката на првата треба да почне од август следната година, а до крајот на таа година да пристигнат сите. Инвестицијата во новите патнички возови изнесува 20 милиони евра.