По намалениот обем на товарниот железнички превоз од почетокот на економската криза за Македонски железници Транспорт има првични показатели за подобрување на состојбата. Постигнат е договор за превоз на стока за нови клиенти од пристаништето Пиреја и од месецов веќе сообраќаат два товарни воза кон Европа.
Тоа го соопшти денеска директорот на МЖ Транспорт Оливер Деркоски, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Саемот Транспорт и логистика.
Еден индикатор за подобрување на состојбата, појасни Деркоски, е долго преговараните возови од пристаништето Пиреја каде кинеската компанија „Коско“ зеде дел и сега ги запира големите товарни бродови со контејнери, кои веќе не одат во Ротендарм, Хамбург или Валенсија.
– Ги стопираат тука и транспортираат дел од контејнерите низ Средна, Јужна и Источна Европа со воз. Го договаравме тој проект, во изминатите шест седум месеци имавме тест период за неколку клиенти, еден од нив е „Хјулид пакард“, еден е „Сони“, сега во најава за наредниот месец е „Хјундаи“ како клиент. Тоа е за Словачка, Чешка и Унгарија, изјави Деркоски.
Извршеното тестирање, како што рече, поминало успешно и од овој месец веќе има по два товарни воза неделно за истата релација.
– Очекуваме во наредниот перио таа работа постојано да се интензивира. Тоа е еден од првите сигнали дека економијата полека се раздвижува во овој дел на релацијата југ – север што досега ни беше слабост, изјави Деркоски.
МЖ Транспорт, потсети, значително го намали обемот на товарниот превоз како резултат на економската криза. Клучните клиенти од тешката метална индустрија Макстил, Скопски легури и Миталстил во изминатиот период го намалија драстично производството поради немање нарачки. Тоа, посочи Деркоски, директно влијае на нашето рабоење.
– Ако во 2010 година за Макстил извезувавме над 650.000 тони, лани немавме ниту 200.000 тони. Тоа е фактор на кој не може да се влијае и мора да се издржи овој период. Исто така и транзитот кон Грција се намали во овој период, од 1.200 транзитни воза годишно во предкризниот период на околу 600 до 700 транзитни воза, што во приход за нас значи многу, наведе Деркоски.
Учеството на „Транспорт и логистика“, според него, е значајно за претставување на МЖ Транспорт и одржување и воспоставување контакти со клиентите.
– Сметаме дека треба да бидеме присутни како дел од синџирот на транспорт и логистика. Ги нудиме нашите услуги на нашите клиенти се обидуваме од година во година да ги подобриме услугите. Тука е можноста да исконтактираме со многу од нашите клиенти, посочи Деркоски.
Според Методија Сачмаровски од фирмата „Блу бел Маритајм“ и „Навико шипинг“, Транспорт и логистика е добра можност да ја претстават својата дејност во меѓународниот поморски транспорт и специјализираната опрема за контејнери и контејнерски транспорт.
– Саемската манифестација се одржува по втор пат се надеваме дека ќе продолжи и понатаму. Сметаме декае подобра сегашната варијатна за организирање на саемот во рамки на поголема таква манифестација како Технома или Агроекспо заради подобар проток на клиенти, наведе Салмаровски.
„Блу бел маритајм“ од јули годинава е официјално депо во Македонија за услугите на поморската компанија „Маерск лајн“. Контејнерите за потребите на компаниите веќе не се преземаат од пристаништето Солун, туку од депоата на „Навико шипинг“ во Скопје и во Гевгелија.
На третото издание на Саемот за транспорт и логистика вкупно се присутни над 20-ина големи домашни и странски компании, пристаништа, железници, транспортни асоцијации, логистички центри, терминали и царински складишта, производители на транспортни возила и системи. На внатрешен изложбен простор од 1.500 метри квадратни во Метрополис арената на Скопски саем се претставуваат транспортни и логистички компании и асоцијации од Македонија, Германија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Словенија, Грција и Албанија. На надворешниот изложбен простор на површина од 700 метри квадратни се присутни импортери на товарни возила.
Транспорт и логистика годинава е дел од 40. издание на Меѓународниот саем на металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обезбедување и заштита – Технома 2014. На јубилејното издание на саемот се претставуваат околу 400 домашни и странски компании, а фокусот е на енергетиката и претсавувањето на најголемите достигнувања во технологијата во присутните области. До сабота на саемот ќе се претставатуават и учесниците на 15. Меѓународен саем на занаетчиство и мало стопанство и на 35. Меѓународна изложба на иновации – Макинова.