Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го одликува Петар Ивановски Тиквар со орден заслуги за Македонија како истакнат деец, борец на македонското национално ослободително движење и учесник на Првото заседание на АСНОМ кој даде исклучителен придонес во остварувањето на вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и зачувување на својот идентитет и создавање сопствена, самостојна, суверена демократска држава.
– Учесниците на Првото заседание на АСНОМ се основоположниците на македонската државност. Пред 70 години беа шеесетмина, а денес остана само еден. Денес имаме чест да му се заблагодариме на последниот учесник на АСНОМ кој е меѓу нас и еден од основоположниците на Македонија, Петар Ивановски Тиквар, рече претседателот Иванов во поздравниот говор на доделувањето на орденот.
Тој нагласи дека денес може само да претпоставиме како изгледало Првото заседание на АСНОМ и каков бил говорот на Панко Брашнаров, Методија Андонов Ченто и на другите присутни делегати. Но, Петар Ивановски, рече, тоа го знае бидејќи учествувал на заседанието како млад борец со долг револуционерен стаж.
– Животната приказна на Петар Ивановски Тиквар е како животот на Македонија – од ропство до слобода, од слобода до обесправеност, од обесправеност до независност и признавање. Затоа на овој свечен ден можеме со право да кажеме дека го претставува слободарскиот дух на НОБ и државотворниот дух на АСНОМ. Со орденот за заслуги за Македонија на овој начин му се заблагодаруваме нему, но и на сите родољуби кои учествуваа на АСНОМ, потенцира Иванов.
Тој посочи дека денес кога имаме сопствена држава и сами носиме одлуки за нашата сегашност и иднина тоа го правиме поради АСНОМ. Поради АСНОМ, нагласи, денес слободно и без страв зборуваме, пишуваме и твориме на македонски јазик, слободно го прославуваме Илинден, ги уживаме основните граѓански права и слободи…
– АСНОМ беше можен само поради единството што го покажаа татковците на Македонија. Без тоа единство денес ние немаше да стоиме зад знамето на слободата. Седум децении по историскиот АСНОМ пред еден од учесниците се потсетуваме на најважното – дека како тогаш така и денес потребно е единство. АСНОМ не потсетува кога се во прашање националните интереси и стратегиските цели, треба да бидеме сложни и единствени онака како што беа сложни и единствени асномците, рече Иванов.
Заблагодарувајќи за честа што му е укажана, Петар Ивановски Тиквар рече дека во Македонија во 1941 година имало големи групи луѓе кои биле подготвени да го дадат својот живот за слободата.
– На утрешниот ден во 1941 година се сврте македонскиот народ и му викна на окупаторот не ве сакаме. Од тој ден, од тоа не ве сакаме поминаа многу тешки денови, месеци и години дури не се создадоа услови да дојде денот да се свика Собранието на АСНОМ на кое се донесе решение за државност. Сите очекувавме дека Панко Брашнаров сериозно ќе го отоври Собранието и ќе зборува за тешките и мачни одлуки кои треба да се донесат. Но, тој имаше визија за Македонија и ни кажуваше каква ќе биде во иднина. На тој начин помогна полесно да се усвојат решенијата кои беа приготвени за да го добиеме тоа што другите го имаа, а ние го немавме – државноста, рече Ивановски Тиквар.
Посочи дека атмосферата надвор од салата каде што се одржувало заседанието била славеничка, бидејќи народот од сите локални села доаѓал да го слави Свети Илија.
– Бев радосен што можев лично да му честитам на Методи Андонов Ченто кој ми беше сосед, соборец и сограѓанин и на Михајло Апостолски кој тогаш постана генерал. Македонија се здоби со своја независност и државност затоа што имаше многу луѓе што беа определени на борба дури и да го загубат животот. На тој пример би требало и денеска да се потсетиме и сега кога стоиме пред можноста да се здружиме со други држави и пријатели треба да го сториме тоа на еден убав начин, рече Ивановски Тиквар.
Петар Ивановски е роден во Прилеп во 1920 година. Уште како млад кожарски, а потоа тутунски работник се вклучил во револуционерните движења на работниците во тогашна кралска Југославија. Во 1936 година станал член на СКОЈ, а во 1938 на КПЈ. И станал секретар на Месниот комитет на КПЈ за Прилеп. Потоа бил и организациски секретар на Украинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Во април 1942 годна бил уапсен од окупаторските власти и бил осуден на 15 години затвор и сместен во затворот кај Идризово во Скопје. На 10 јуни 1944 побегнал од затворот и веднаш се приклучил кон Третата македонска кумановска бригада. На 2 август 1944 година е избран за член на АСНОМ и учествува на Собранието во манстирот Свети Прохор Пчински. На 29 август 1944 година станал политички комесар на единаесеттата македонска народноослободителна бригада, а потоа и политички комесар на 48. македонска народноослободителна дивизија. По ослободувањето бил директор на ФАС „11 Октомври„ и на Железарницата во Скопје, а до 1967 до 1973 бил претседател на Извршниот одбор на Комерцијална банка.