Десет луѓе за кои се верува дека биле изложени на висок ризик да се заразат со ебола бидејќи биле во контакт со заболениот пациент во Далас, сега се наоѓаат во изолација и се под медицински надзор.
Првично се стравувало дека стотина луѓе биле во директен или индиректен контакт со заразениот патник од Либерија, но властите во меѓувреме оваа бројка ја намалиле на 50 лица, кои се под надзор.
– Десетмината, од кои четворица се роднини на заразениот, соработуваат со здравствените власти и доброволно одлучија да бидат во карантин, изјавиле официјални претставници во Далас.
На 1 октомври во САД е дијагностициран првиот пациент заразен од смртносниот вирус, Томас Ерик Данкан, кој е сместен во строга изолација поради симптоми кои ги добил по пристигнувањето од Либерија во Тексас, каде патувал во посета на семејството.
Данкан стигнал во Далас на 20 септември и неколку дена подоцна се разболел. Болницата во која отишол го вратила дома, иако кажал дека допатувал од Либерија, Тој повторно е вратен во болница на 28 септември и оттогаш се наоѓа во карантин. Лекарите изјавуваат дека е во сериозна, но во стабилна здравствена состојба.