На есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Мониторинг комитетот ја усвои реформата на мониторинг-постапката, која се очекува да биде усвоена денеска на пленарна сесија. Реформата на мониторинг постапката, е резулат на работата на ад-хок Комитетот формиран за оваа цел, во којшто членува и пратеникот од македонското Собрание Александар Николоски, како потпретседател на Мониторинг комитетот, соопшти Собранието на РМ.
Реформата е врз основа на Резолуцијата (1953) од 2013 година, на ПС, што се однесува на зголемување на ефикасноста и влијанието на мониторинг постапката, врз сите земји-членки на Советот на Европа. Со неа се предвидува периодично разгледување на исполнување на обврските засновано на принципот „земја по земја“ за сите земји-членки на Советот на Европа, како и периодично разгледување на групи на земји, засновано на принципот „тема по тема“, или, пак, регионален пристап. Исто така, согласно предложеното и Резолуцијата (1936) од 2013 година, процедура за мониторинг може да се отвори и секогаш кога има загриженост за состојбите во одредена држава. Ова ќе значи дека сите земји-членки на Советот на Европа ќе мора целосно да ги исполнуваат обврските кон Советот, пред сè во делот на владеење на правото, основните човекови и малцински права, јазичните и културните права, борбата против корупцијата и независното судство, со што би се напуштил двојниот стандард којшто во моментов постои.
– Ми претставува задоволство, што ПССЕ усвојува една голема реформа, која е резултат на напорната работа на ад-хок Комитетот формиран од Совет на Европа. Со новите мониторинг процедури, сите земји во Советот на Европа се изедначуваат во своите права и обврски, истакна пратеникот Николоски.
Факт е, нагласува тој, дека постојат земји-членки на Советот, кои не ги исполнуваат критериумите за членство.
– Мониторинг кон сите ќе значи и обврска за сите. Затоа би сакал да најавам дека ќе ја искористам оваа можност и веќе од јунската сесија во 2015 година, ќе побарам да се определат известувачи за мониторинг врз Грција, во делот на почитување на „Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства“, којашто Грција ја нема ратификувано, а е основен документ за членство, како и дискриминирачките закони од 1982 и 1985 година, според кои, право на враќање во Грција и право на враќање на имоти имаат само Грците по род. Исто така, Грција не дозволува образование на мајчин јазик, како и искажување на културните традиции низ различни форми на асоцијација за македонското, албанското, турското и ромското малцинство. Грција не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, рече македонскиот пратеник.
Новиот механизам, според Николоски, ќе овозможи објективен поглед на овие состојби и јасни препораки од Мониторинг комитетот за надминување на иститите.
– Се надевам дека, новата мониторинг постапка ќе биде прифатена за сите и ќе даде нова суштина и нова смисла на работата на Советот на Европа, истакна Николоски.
Реформата на мониторинг постапката, стапува во сила од јануари 2015 година, а првите известители се очекува да почнат со работа од јунската сесија.