Во организација на Министерството за информатичко општество и администрација од денеска се спроведува тридневна обука за примена на законите за државни службеници и вработените во јавниот сектор.
Обуката се реализира во соработка со Високата школа за јавна администрација ЕНА од Франција. Предавач на обуката е Гилберт Елкаим, вонреден професор на Институтот за политички студии во Лил, Франција. Во текот на сите сесии, учесниците имаат можност да спроведат практични вежби поврзани со соодветните области.
– Реформите во администрацијата се голем приоритет за нас и од аспект на механизмите на соработка меѓу Македонија и Франција, па оттука со овие обуки настојуваме да ве доближиме до европските системи, рече на отворањето на обуките француската амбасадорка во Македонија Лоренс Оер.
Таа истакна дека во тек на втората сесија од циклусот обуки на практичен начин ќе се дискутира за прашања поврзани со вработувањето, начинот на спроведувањето на конкурсите, интервјуата при вработувањето, како и мобилноста.
Според државниот секретар во МИОА Јахи Јахија, француските искуства во делот на вработувањето ќе бидат корисни за македонската админсутрација.
– Франција има големо искуство во оваа област, па цениме дека обуките ќе помогнат во практичното спознавање на функционирањето на другите земји во делот на вработувањето, со цел во администрацијата да имаме квалитетни и компетентни кадри кои се неопходни за соодветното работно место, рече Јахија.