Модната индустрија дава милиони долари на ПР компании, за новите модни трендови и конструкции на она што е ИН и што не е модерно оваа сезона. Намерно се создава конфузија околу модерното и она што не е модерно.
Покрај блескавиот сјај останува фактот дека модата е една од највалканите индустрии на светот. „Хафингтон пост“ објавува за пет работи кои оваа индустрија не сака вие да ги знаете:
1. Модната индустрија е замислена така да се чувствувате надвор од трендот после седум дена од купување на облеката
Порано во модата постоеле две сезони, пролет-лето и есен-зима, а денес имаме 52 микро сезони. Новите трендови доаѓаат секоја недела, а целта на модата е потрошувачката, т.е. купување на што повеќе облека и што е можно побрзо.
Шпанската марка Зара е пионер во овој концепт, кај нив нова испорака на облека доаѓа секои две недели. Денес H&M и Forever 21 речиси секојдневно добиваат нови испораки на облека во своите продавници, додека Топшоп воведува 400 нови стилови еднаш неделно на својата интернет страна.
Дизајнерите и стилистите создаваат нови прегледи на трендовите и тоа на неделна база, а модниот календар на оваа индустрија е намерно направен така да се чувствувате дека веќе не сте во тренд и тоа по едно носење на новата облека.
2. Попустите, всушност не се попусти
Модните зависници сакаат да одат во големите трговски центри и да купуваат, посебно кога се работи за сезонска распродажба. За жал, попустот често не е попуст.
И кога облеката се купува на попуст купувачите често не размислуваат за тоа дека се работи за облека која е со низок квалитет иако на неа стои името на модниот бренд, купувачите не размислуваат за местото каде што е произведена таа облека и за материјалот од кој е произведена.
3. Олово и опасни хемикалии на облеката
Според центарот за околина многу популарни модни синџири продаваат високо-контаминирани чантички, колани и чевли. По неколку години по потпишување на договори за почитување на законски одредените граници на употреба на опасни хемикалии и понатаму се води борба на ова поле.
Акумулацијата на олово која се носи на облеката кај младите жени може да предизвика проблеми кај коските, проблеми во бременоста, бидејќи оловото потенцијално ги загрозува и мајката и детето.
Изложеноста на оловото е поврзана со неплодноста кај жените, зголемена стапка на срцев удар, мозочен удар и висок крвен притисок.
4. Облеката е направена со цел да се распадне
Модните трендови како H&M, Forever21 и Зара ни носат облека која може да се распадне по едно носење или перење. Овие продавници произведуваат стотици милиони парчиња облека годишно, па таа облека треба што повеќе да се продаде.
Просечен Американец годишно фрла околу 68 килограми текстил годишно, а во тоа не спаѓа облека која е донирана или проследена понатаму, туку се работи за облека која оди во отпад. Денешната облека е правена од синтетички материјали, на база на нафтени влакна и за разлика од облеката која ја носеле нашите баби, оваа денешната не може да трае долго.
5. Везовите и украсите се плод на детски труд
Проценките покажуваат дека од 20 до 60 отсто облека е шиена дома, во неформални работилници. Иако постојат машини кои можат да прават везови или да пришиваат украсни токи, така да изгледаат како рачна работа тие повеќе не се употребуваат, бидејќи овие машни се скапи и фабриките не сакаат да инвестираат во опрема.
Милиони работници кои се скриени во собчиња и подруми ги шијат везовите и токите на облеката која потоа се продава како брендирана. Жените подгрбавено работат на овие тешки работи, а често за таа цел се користат и деца.
Многумина сметаат дека треба да се влијае на свеста на потрошувачите да размислат за овој проблем, бидејќи везот на нашиот фустан можеби е направен во некоја сиромашна земја, во темна подрумска собичка.
Потрошувачите мора да се едуцираат, да знаат што стои зад брендовите и сјајот на модната индустрија која често ни мами воздишки.