Македонскиот претседател Ѓорге Иванов вчера со средба со македонската дијаспора во Њу Џерси го започна своето учество на годинешното Генерално собрание на Обединетите нации. Претседателот Иванов и првата дама, Маја Иванова, присуствуваа на свечена вечера организирана во црквата Свети Кирил и Методиј во Њу Џерси. Во своето обраќање пред неколкуте стотици гости, претседателот Иванов укажа дека Македонија продолжува да се соочува со негирања и погрешни перцепции.
– Меѓу државите во светот Македонија има и пријатели, и партнери и поддржувачи. Но, пред се, Македонија ја има својата дијаспора. Меѓу вас има многу успешни луѓе, секој ваш успех е успех и за Република Македонија. Пред нас е мисија преку напорни реформ дома, Македонија да ја градиме во височина, со највисоки вредности, критериуми и стандарди. Преку отвореност кон надвор, го унапредуваме угледот на Македонија во светот. На нашиот пат се бориме и со погрешни перцепции, негирања и со блокирања, но истрајуваме и не се предаваме. На тоа не обврзуваат македонските граѓани во Република Македонија, но и сите синови и ќерки на Македонија во дијаспората. Вие ни ја давате моралната сила, но и обврска, да ги издржиме непринципиелните притисоци, изјави претседателот Иванов пред собраните Македонци од Њу Џерси.
Конгресменот од Њу Џерси Бил Паскрел, кој е член на групата за пријателство со Македонија, изјави дека светот минува низ тешки времиња, но тие нудат и можност за дејствување.
– Господине претседателе, кога ќе зборувате во Обединетите нации, знајте дека покрај сите големи држави од светот, и вашите зборови ќе бидат еднакво важни како зборовите на секој претседател, и ние внимателно ќе ве ислушаме. Имате пријател во мене во американскиот Конгрес, во име на Конгресот ви велам дека и посакуваме добро на Македонија, вие засекогаш не задолживте, со поддршката која ја дадовте, на бегалците во 1999 година. Сметајте на своите пријатели во Соединетите Американски Држави, рече тој.
Во меѓувреме, грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, вчера се сретна со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, по што грчкото Министерство за надворешни работи соопшти дека Венизелос настапил со тврдите, непопустливи ставови за спорот за името.
Во агендата на претседателот Иванов во Њујорк е предвидено обраќање пред Генералното Собрание на Обединетите нации во петок. Иванов ќе се сретне и со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, ќе учествува и на Клинтоновата иницијатива, како и на традиционалната вечера која претседателот Барак Обама ја приредува за учесниците на Генералното Собрание. Заедно со министерот за надворешни работи Никола Попоски, македонската делегација ќе оствари голем број билатерални и мултилатерални средби, а ќе учествуваат и на средби организирани од американската администрација, за горливите светски прашања. Како главни теми на собранието се наметнуваат ширењето на исламистичката група ИСИС, кризата во Украина, како и заканата од епидемијата на ебола во Африка.
Дел од посетата се разговорите за интензивирање на инвестициите на македонската заедница во САД. На собирот во црквата Свети Кирил и Методиј во Сидар Гроув, една од двете македонски цркви во Њу Џерси, претседателот Иванов ги повика Македонците во САД да ги негуваат врските со матичната земја.
– Би сакал Македонската дијаспора поактивно да биде присутна во политиката и економијата на Македонија. Со првото на глас, дијаспората е вклучена во демократскиот живот во Македонија. Со уште повеќе идеи за соработка, со покревање заеднички иницијативи на планот на кулутрата и економијата, македонската држава и дијаспора можат да направи многу за иднината на татковината. Затоа ве повикувам уште еднаш заедно како тим, да ги поврземе успешните исселеници, да донесеме нови знаења и инвестиции, отвораме нови пазари за македонските производи, нови простори за македонското творештво, за повеќе работни места и поквалитететен живот во Македонија, истакна тој.
Собраните Македонци позитивно ја оценија активноста на помладите генерации за одржување на врските со татковината.
– Македонците се доста активни, претежно младите, што е за изненадување, доста ги посетуваат црквите. Оваа година многумина млади од тука ја посетија и Македонија. И навистина ни е мило што и претседателот не посети, беше тука и пред две години, дојде и премиерот, и министрите честопати доаѓаат да не посетат, изјави Љупчо Дошлаковски од црковната заедница во Њу Џерси, кој додаде дека за одржување на врските на македонската заедница во САД со матичната земја останува потребата за конечно воведување на директна авионска врска со Њујорк.