Во галеријата „Остен“, вечер ќе биде отворено 42. Остен Биенале на цртеж 2014 и ќе бидат врачени наградите. Наредниот ден, во изложбениот салон на МАНУ, ќе биде отворена изложба на селектираните автори на Биеналето на цртеж. Се работи за дела од 150 македонски и странски автори.
На 42. Остен Биенале на цртеж 2014 пристигнале 1.416 дела на 474 автори од 53 земји. Најголем број апликации се од Македонија, а според бројноста следуваат дела од Црна Гора, Полска, Србија и од Бугарија.
Остен веќе ги соопшти двете главни награди: Гран-при за животно остварување за Марина Абрамовиќ (Црна Гора/САД) која, како што најави организаторот, ќе има видеообраќање на отворањето на Биеналето, а Шпанецот Хуан Миро е добитник на наградата Светско културно наследство.
За годинашните награди и за селектирањето на делата кои се претставени во каталогот за Биеналето на цртеж 2014 одлучи интернационално жири во состав: Павле Пејовиќ (Црна Гора), Николас Тау (САД) и Анита Халдеман (Швајцарија).
Според одлука на жирито, првонаградени се авторите: Ана Плавинскаја од САД за цртеж, Јармила Вешовиќ-Рус од Франција/Црна Гора за сликарство на хартија, Бранислав Бркиќ од Србија за графика, Александра Косон од Полска за млад уметник и Игор Јосифов од САД за оригинално дело на хартија.
Пјер Пинончели од Франција и Сафет Зец од Босна и Херцеговина се добитници на наградата Уметник на светот (Награда на САВУ – Светска асоцијација на визуелни уметности). Анка Буриќ од Црна Гора ја добива наградата на ИФМУ (Интернационална фондација за музика и уметност).
Посебни признанија на жирито им се доделуваат на Душан Перчинков од Македонија за високи уметнички достигнувања и Александар Рафајловиќ од Црна Гора за уметнички достигнувања.
Со „Златен остен“ се наградени: Лукаш Герлак од Полска, Соња Б. Мешер од Обединето Кралство, Клаудија Завада од Полска, Трајана Панајотова од Бугарија, Ирена Пауновиќ од Србија и Игор Лекшиќ од Хрватска.
Посебна награда на жирито добиваат: Горан Менков од Македонија, Рајко Попивода од Србија / Црна Гора и Алирио Хозе Инфанте Лопез од Венецуела.
На националната колекција на Црна Гора, од каде има 29 учесници, и се доделува Посебно признание на Остен за национална колекција, а посебни признанија ќе добијат и Венцеслав Антонов од Бугарија – за легат и Драган Караџиќ од Црна Гора – за извонредно уметничко достигнување.
Награда „Остен“ добија: Евгенија Демниевска од Франција, Ваватум Тенгаи од Тајланд и авторите од Македонија: Александар Јанкуловски, Ирена Гапковска (САД/Македонија) и Трајче Блажевски.
Уметничките творби стануваат дел од Музејот на цртеж, а сите други дела со кои уметниците партиципирале во изданијата на оваа манифестација, влегуваат во составот на колекцијата на Остен.