На европскиот Конгрес на кардиолози, кој од 30-ти август до 3-ти септември се одржа во Барселона, Шпанија учествуваше и кумановскиот интернист и кардиолог, Драган Митевски. Митевски на Конгресот присуствуваше како редовен член на европското Здружение на кардиолози, во кое што членува и македонското Здружение на кардиолози.
-На Конгресот учествуваа лекари, кардиолози, интернисти, специјалисти и субспецијалисти од целиот свет. Иако најзастапени беа европските кардиолози, имаше лекари и од Јапонија, Кина, Јужна Кореја, Северна и Јужна Америка и Австралија-изјави тој.
Кумановскиот лекар наведе дека на собирот на кардиолози, кој што традиционално се одржува повеќе од 20 години, присуствувале околу 40.000 лекари од светот, кои што на триесетина различни локации можеле да слушаат предавања на разни теми.
Како што ни раскажа Митевски учесниците на Конгресот имале можност да опфатат теми и патологии од целосна кардиолошка проблематика, односно инвазивна и неинвазивна кардилогија, како и кардиохирургија. -За мене е голема чест да се отиде на еден европски собир, каде што може да се научи и да се воспостави комуникација помеѓу колегите, но може и да се види како се работи во другите држави, да се споделат искуствата, да се дебатира, да се даде своја сугестија и слично.
Годинава беа презентирани околу 1.000 трудови, кои што се однесуваа на новините во медицината, поточно кардилогијата-наведе Митевски. Интересно е што на Конгресот во Барселона имало поставено и штанд на Здружението на кардилози на Македонија, на кое што можело да се најдат флаери, материјали од македонскиот Конгрес на кардиолози.
-Тоа е промоција на самото здружение и на она што се работи во него. Добро е што постоиме и што не има таму. Самите посети на конгресите се извонреден успех за нас како и за македонското здравство, бидејќи рамноправно учествуваме во дебатите. Големите конгреси даваат поголема и подетална слика на проблематиката со која што се занимаваме. И тие се наш водич за понатаму, затоа што и ние имаме конгрес на балканско ниво, во соседни држави, но и нашиот-додаде тој.
Кумановскиот интернист и кардиолог се осврна и на македонскиот Конгрес на кардиолози, кој што го организира Здружението на кардиолози и наведе дека истиот секоја година бележи поголем успех. -Ние не можеме да се споредуваме со големите држави, кои што испраќаат голем број лекари, бидејќи воопшто и немаме толку луѓе.
Но со професори како Сашко Кедев и Елизабета Србиновска постигнавме солиден напредок, бидејќи тие навистина се активни на европските состаноци и се заслужни за нашето место во Европа-додаде тој. Кумановскиот лекар веќе има учествувано на европските Конгреси на кардиолози кои што се одржаа во Амстердам, Париз, Белград и Прага, а зад себе има 30-ина научни трудови. Инаку тој е еден од десетмината основачи на Здружението на интернисти, кое што функционира веќе три години.
Е. Г.