Во Ирак и Сирија во моментов има 930 џихадисти кои живееле во Франција, соопшти францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казенев.
Како што јави дописникот на МИА од Париз, во интервјуто за неделникот „Журнал ди диманш“, Казенев открива дека 930 лица кои се вклучени во џихадот во Сирија и Ирак се или француски државјани или лица со престој во Франција.
Според министерот, од вкупниот број џихадисти 60 се жени. Околу 180 лица се во Сирија, а 170 патуваат кон земјата. На овие 930 џихадисти треба да им се додадат и 36 лица кои загинале во борбите.
Во Франција според проценките на парламентарниот извештај кој утре ќе биде разгледуван во Националното собрание, во сириската криза се вклучени околу 950 лица, од кои 350 во моментов се борат таму, 150 патуваат кон земјата, 180 се вратиле во Франција, а 220 изразиле намера да заминат во оваа држава.
Казенев во денешното интервју појаснува дека откако беше воспоставена платфрмата за спречување на заминување минатата пролет, најмалку 70 лица биле запрени во обидот да се вкулчат во џихадот, а блиските пријавиле 350 сомнителни случаи од кои 80 малолетници и 150 жени.