Претставничката за слобода на медиуми на ОБСЕ Дуња Мијатовиќ апелираше денеска на украинските власти да ги почитуваат медиумите, по полициската рација спроведена во уредничката канцеларија на дневникот „Вести“ во Киев.
– Ги повикувам украинските власти да се воздржат од мерки кои може да заплашат припадници на медиуми и да се попречува работата на медиум, истакнува Мијатовиќ додавајќи дека прашањата поврзани со националната безбедност не би требало да бидат оправдување за рестрикции на слободата на изразување и на медиумите.
Претставници на безбедносниот сервис на Украина вчера претресоа уредничка канцеларија на Вести во Киев, запленија канцелариска опрема, работен материјал и лични работи на новинари.
Претресот, според нив, бил извршен како дел од кривична истрага заради објавување написи кои наводно содржеле информации што може да загрозат територијален интегритет на Украина.