На авторитарните режими на Балканот и во источна Европа порано или подоцна, им станува заедничка одбивноста кон институциите кои работат за демократски принципи, човекови права, слобода на медиумите. Реториката е слична, освен тоа што одбивноста се појавува во различни периоди , во зависност од демократскот капацитет на тие што се на власт.
Хрватскиот престедател Фрањо Туѓман молеше за странска помош додека да дојде на власт, а кога сакаше да ја задржи по секоја цена, почна да му пречи сета помош за развој на демократијата и слободата на медиуми. Тој во декември 1996 година, пред парламентарните избори, се нафрли на Фондацијата на Отворено општество во Хрватска.
-Сорос е регистирин во Хрватска на 5 март 1993 година, за „собирање и распределба на хуманитарна помош“. И како се оствари таа хуманитарна помош?
Мора самокритички да признаам дека мене ми беше јасно за каква „хуманитарна помош“се работи, но кон Сорос и кон однесувањето на другите тракторски дипломати, моравме да се однесуваме пошироко, зашто во тоа време се боревме за добри односи со европските држави и главната светска велесила. Но, при сето тоа, ги испуштивме од контрола и им дозволивме да прават што сакаат, така што добија речиси неограничени можности за делување. Во своите проекти вклучија не помалку од 290 различни установи во Хрватска и непосредно уште стотина луѓе што ги држат на директна врска, на кои им даваат стипендии или помали или поголеми суми пари. Во својата мрежа ги вплеткаа или ги запишаа настојувајќи да ги придобијат со финансиски средства речиси сите генерации од различни области, од средношколци до новинари, професори, академици. За таа цел Соросовата фондација дала 15-тина милиони долари.
А што сакаат да направат тоа Соросово или сличните друштва? Сами си кажуваат: нивната задача е промена на управувачката и сопственичката структура.
Во создавањето ситуација за промена на сегашната власт во Хрватска, тие делуваат во сферата на медиумите и културата. За таа цел финасиски ги поддржуваат Ферал, Аркзин, Вијенац, Нови лист, Бумеранг, Оток Иваниќ, Дан, Метро, Старт, Радио Лабин, Радио Барања. А на кое ниво тоа се одвива се гледа по тоа што на еден Ферал Трибун му даваат особена важност во медиумскиот простор и го сметаат за еден од најуспешните нивни проекти во слободниот свет. Освен него во успешните ги набројуваат и Радио 101 и некој Бумеранг во Осијек и некаков Оток во Иваниќ град, каде успеале, како што самите пишуваат, да покренат смена на началникот на општината и директорот на домот на здравје и да предизвикаат афера во канцаларијата за одбрана, рече Туџман.
Покусо не остана ниту Слободан Милошевиќ кој во неколку наврати ги напаѓаше навладините организации, за кои тврдеше дека секој што соработува со нив е странски платеник. Нему не му одговараше да има медиуми кои се надвор од негова контрола.
Во 2005 година, во судницата во Хаг, тој дури ги убедуваше судиите дека и самите се финансирани од мрачни извори кои ја распаднале Југославија, како што се Сорос, исламските фондации и НАТО.
Веќе подолг период, Фондацијата Отворено општество, отворено ја напаѓа и премиеорот Никола Груевски. Во последното интервју за Република, премиерот Груевски отиде дотаму што пласираше теза дека лидерот на опозицијата е под контрола на Фондацијата и сакаше да го освести.
-Мислам дека ќе биде предоцна кога ќе сфати кои се нивните цели и крајни интереси. Сега тој, во извесна смисла, е и зависен од нив, тие имаат или се блиски до луѓе што располагаат со фондови преку кои финансираат новинари, медиуми, квазиинтелектуалци, имаат своја мрежа на активисти и влијание, свои инспиратори, рече Груевски.
И додека со месеци наназад трае хајката од страна на власта директно и преку провладините медиуми, останува нејасно зошто не им пречат други блиски до нив невладини организации. Наспроти отвореноста на ФООМ, никаде нема податоци колку пари и за што во Македонија троши Фондацијата Конрад Аденауер, блиска до владејачката ВМРО-ДПМНЕ дали и за што партијата на власт користела средства од оваа фондација.