Во поројните монсунски дождови и поплави загинале 128 луѓе во Пакистан и 108 во Индија, соопштија официјални претставници од овие земји, а метеоролозите предупредуваат за нови врнежи во следните денови и војската итно го евакуира населението од поплавените подрачја.
Оваа година сезоната на монсуните тешко ги погоди градовите и селата во пакистан и во индискиот дел на Кашмир, каде властите тврдат дека ова се најголемите поплави во последните неколку децении.
– Дистрибуираме шатори и друга хуманитарна помош за луѓето кои се погодени од дождовите и поплавите, изјави портпаролот на пакистанската Национална агенција за вонредни ситуации, Ахмад Камал, додавајќи дека војската со хеликоптери и чамци ги евакуира луѓето од поплавените подрачја.
Тој истакна дека над 4.000 куќи ширум Пакистан се делумно или целосно уништени.
Пакистан и Индија секоја година се борат со поплавите во текот на сезоната на монсунските дождови. Во Пакистан во 2010 година во поплави настрадаа дури 1.700 лица.