Судот го казни лидерот на опозицијата Зоран Заев, со 50 илјади евра за клевета и навреда, повреда на честа и угледот на премиерот Никола Груевски, за случајот со продажбата на „Македонска банка“.
Сумата од 50 илјади евра е максималната односно колку и што побара премиерот Никола Груевски.
И покрај инсистирањето, на адвокатот на Заев, да биде сослушан Ден Дончев, за кого тврдеа дека е круцијален доказ во процесот, сепак Судот го одби.
Од друга страна Судот прифати да даде исказ Јовица Стефановиќ – Нини, кој иако беше повикан од страна на тужениот, сведочеше во корист на Груевски.
Тој кажа дека не го познава ниту премиерот, ниту Заев и дека „Македонска Банка“ ја купил на берза преку брокерска куќа без да подмитува.
Во образложението на судот се вели дека се утврдува одговорност за клевета на Зоран Заев.
„На 15 и 16 април 2014-та година, на прес – конференциите одржани на улицата „Павел Шатев“, поранешна „Бихаќка“, пред пошироката јавност и пред присутните медиуми со намера да наштети на честа и угледот на тужителот, тужениот изнел факти што се штетни за тужителот, со изјавите „Таткото на криминалот е Никола Груевски“, „зел пари во кеш во износ од 1,5 милиони евра од странски бизнисмен“, притоа велејќи дека лично ја продал „Македонска банка“ на Јовица Стефановиќ – Нини преку 4 оф-шор и 2 домашни компании со поседување 51 насто од акциите во „Македонска банка“, а биле под контрола на Груевски и дека надвор од официјалната сума договорил плус 1,5 милиони евра и таа сума е исплатена во кеш. Овие изјави биле пренесувани од повеќе домашни и странски медиуми, а тужителот продолжил да ги повторува изнесените невистини во периодот од одржување на прес конференциите до поднесување на тужбата“, – се наведува во одлуката на судот.
Петар Клинчарски