Градските власти на Рим одлучија да ја зголемат туристичката такса во хотелите во италијанскиот главен град, а во одредени случаи и повеќе од двојно да ја зголеми, со цел да се пополни испразнетиот градски буџет.
Хотелите со една и две ѕвезди ја зголемија туристичката такса за ден и по лице од две на три евра, што е раст од 50 проценти.
Во хотелите со три и четири ѕвезди таксата е зголемена за сто проценти, во тие со три ѕвезди од две на четири евра, а во тие со четири ѕвезди од три на шест евра.
Во луксузните хотели со пет ѕвезди туристичката такса се зголеми од три на седум евра, што е зголемување за 133 отсто.
– Дел од зголемување на таксата ќе послужи да се подобри приемот на туристи, како и за туристичка промоција на градот, се наведува на сајтот на градоначалникот на Рим.
Италијанската престолнина пати од хроничен недостиг на пари во градската каса, а најболна точка е јавниот превоз, кој со години бележи загуби.
Рим годишно го посетуваат над 12 милиони туристи.