Пакистанската национална телевизија ПТВ повторно емитува програма, откако припадници на војската влегоа во зградата на телевизијата и ги исфрлија демонстрантите, кои претходно го зазедоа нејзиното седиште.
Припадниците на војската ги изнеле демонстрантите од зградата на телевизијата, при што за време на нивното излегување немало судири, а во моментот зградата на ПТВ е под заштита на пакистанската војска.
Демонстрантите претходно ја зазедоа зградата на ПТВ и програмата не беше емитувана одредено време.
Водител на ПТВ изјави дека демонстрантите ја зазеле зградата и ги претепале вработени, пред програмата да биде прекината.
Голема група демонстранти се приближија претходно денеска до домот на премиерот на Пакистан, Наваз Шариф во централниот дел на Исламабад, каде се судрија со полицијата, која одговори со солзавец.
Иако привремено употребуваше солзавец, полицијата се повлекуваше и покажуваше воздржаност, додека демонстрантите, од кои многумина носеа дрвени палки, се приближуваа до официјалната резиденција на Шариф, иако не е познато дали премиерот е во својот дом.
И покрај силниот дожд, групата демонстранти се обидоа да го пробијат полицискиот кордон на патот до домот на премиерот и фрлаа со камења врз полицијата во центарот на Исламабад, барајќи оставка на Шариф.
Демонстрантите ги предводи Имран Кан, кој беше познат спортист пред влегувањето во политиката и свештеникот Тахир ул Кадри.
Шариф, кој минатата година стана премиер во првата пакистанска демократска транзиција на власта, одби да поднесе оставка и најави дека ќе се обрати пред пратениците во двата дома на Парламентот со цел да покаже дека „цврсто ја држи контролата во земјата“.