Државната матура во августовскиот испитен рок со која беа опфатени 2.650 ученици од завршните години во средните училишта помина без проблеми, оцени денеска министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми.
Тој на прес-конференција информира дека од вкупно 1.229 ученици кои полагале мајчин јазик и литература, испитот го положиле 912, а странски јазик положиле 1.207 ученици од вкупно пријавените 2.142 ученика.
Математика основно ниво положиле 111 ученици од вкупно 169 кандидати, а за математика напредно ниво биле пријавени два кандидата кои не положиле.
Естетика положиле осум кандидати, колку што и биле пријавени за овој предмет, додека 119 ученици од вкупно 164 го положиле испитот по филозофија.
Од природните науки, 64 од вкупно 108 ученици положиле биологија, четворица од вкупно 12 ученици положиле хемија, а физика положил само еден кандидат од пријавените четворица ученици.
– Кандидатите кои сметаат дека нивните тестови не се правилно вреднувани, можат да поднесат приговор до училиштето, а доколку сакаат да извршат увид во тестот треба телефонски да се најават во Државниот испитен центар. Рокот за приговори истекува денес и затоа бројот на кандидатите кои приговарале не е конечен. Резулатите за нив ќе бидат објавени на 27 август во училиштата, појасни министерот Адеми.
За реализација на државната матура во август беа вклучени 480 тестатори, 40 набљудувачи и 168 оценувачи.