Во ракетен напад од воздух, што бил изведен минатата ноќ врз либискиот главен град Триполи загинаа шест лица, соопшти денеска портпаролот на паравоената формација „Фаџар Либија“, Ахмед Хадија.
Тој нагласи дека ракетите биле истрелани од авиони што полетале од воздухопловната база „Витија“, западно од Триполи. Авионите погодиле позиции што пред извесно време биле заземени од припадници на „Фаџар Либија“.
Локални жители изјавија дека рано утринава неидентификувани борбени авиони прелетале над Триполи, по што се слушнале и експлозии.
Неколку либиски телевизии јавија дека авионите ги нападнале базите на „Фаџар Либија“, кој потекнува од градот Мисрата и чии припадници се борат со бригадите од западниот регион Зинтан со цел да го стават градот под своја контрола. Извор од овие бригади потврди дека непосредно по полноќ биле видени неколку авиони и се слушнале силни експлозии.
Како што јави германската агенција ДПА, привремената Влада во Триполи соопшти дека не е познато кој ги извел ноќешните бомбардирања и дека на разузнавањето и на Министерството за одбрана им наредика да спроведат истрага за случајот, дополнува.
Попладнево се огласија силите лојални на одметнатиот либиски генерал Халифа Хафтар, кои презедоа одговорност за нападот.
– Официјално потврдуваме дека извршивме воздушни напади врз неколку објекти во кои се сместени паравоените формации од Мисрата, изхави команданото на пориввоушната одбрана на силите на генертал Хафтар, Сакер ал Џуруши.
Либиското Воено воздухопловство не неколку пати досега му даваше поддршка од воздух на генералот Хафтар, чии единици се борат со радикалните исламисти во регионот на источниот град Бенгази.
Ноќешното бомбардирање кај жителите на Триполи предизвикало загриженост дека е можно тоа да е дело на друга држава, на пример Италија. Поранешен полковник на либиското Воено воздухопловство изјави дека Либија не располага со борбени авиони за ноќни мисии.
Ова е прв воздушен напад врз Триполи, каде веќе приближно еден месец, ривалските паравоени групи се борат за воспоставување контрола врз аеродромот, поради што илјадници луѓе, вклучувајќи и дипломати, странци и Либијци, ја напуштија земјата.
Во жестоките борби во Триполи само во саботата и неделата беа убиени стотици лица. Само во саботата загинале околу 60 луѓе, а 400 биле ранети.
Во Триполи има редовни прекини во напојувањето со електрична енергија и во водоснабдувањето. Се чувствува сериозен недостиг и од бензин и гас, а продолжува и евакуацијата на цивилното население.