Започнаа археолошките ископувања на локалитетот Градиште во Пелинце, информираат од НУ “Музеј” Куманово.
Истражувањата ќе ги спроведуваат археолози од археолошкиот музеј од Скопје и од музејот Куманово. Средствата за истражувањата на овој локалитет ги обезбедува Министерството за култура.
Како што објаснуваат надлежните, локалитетот Градиште е една од најголемите праисториски населби од бронзеното и железното време, лоцирана по долината на реката Пчиња.
– На овој локалитет се работи од 80-те години од минатиот век, а континуирано се истражува од 2007 година. Инаку, овој локалитет е познат по своето светилиште кое првo беше истражувано и даде значајни сознанија за бронзенодопската култура и обредна пракса во централниот балкански регион, вели директорката на кумановскиот музеј, Анита Цветановска.
Раководител на проектот е Александра Санев од Aрхеолошкиот музеј од Скопје, а ко-раководител е археологот од кумановскот музеј, Дејан Ѓорѓиевски.
Моментално, истражувањата се насочени кон праисториската населба од рано железно доба, информираат надлежните.
– Станува збор за праисториска населба од 9 и 8 век пред наша ера. Работиме на откривање на контурите на праисториска куќа, што е мошне значајно бидејќи има многу малку истражени населби од ваков тип во северо-источна Македонија, вели археологот Ѓорѓиевски.
При истражувањата, кои ќе траат дваесетина дена, ќе се настојува да се обезеди материјал од внатрешноста на праисториската куќа, објаснува Ѓорѓиевски и додава дека пронајдените парчиња од керамика, во понатамошното истражување ќе служат како репер за хронолошко определување на другите населби од тој период.