Голем број граѓани изминатите денови се жалат дека и покрај платените сметки за радиодифузна такса, добиле писмени опомени од Управата за јавни приходи дека се должници и дека не го подмириле долгот, иако сметките им се уредно платени. Граѓаните деновиве се во паника и се растрчани во канцелариите на УЈП со платените сметки да ги приложат како доказ дека навремено ги подмириле законските обврски, а притоа и да избегнат блокирање на трансакциските сметки, но и присилна наплата на РДТ.
– Стигнуваат опомени за сметки стари дури и до 5 месеци, а тие се навремено подмирени. Приморани сме да трчаме по шалтерите и да се докажуваме, а да не дојдеме до степен за присилно наплаќање за долг кој реално не постои – вели една скопјанка.
Во помалите градови, пак, граѓаните кои се жалеле во просториите на УЈП, вработените ги упатувале да бараат помош во канцелариите во Скопје, со образложение дека тие не знаеле ништо.
Портпаролката на УЈП Весна Новаковиќ објаснува проблемот со добивање на опомени на граѓани кои ги платиле сметките се исклучоци кои постоеле, постојат и ќе ги има и во иднина.
– Ако во периодот кога се изготвувани опомените, а граѓаните во меѓувреме ги платиле сметките – е тука е разликата. Исто така, може да се работи за грешна уплата, односно уплата на погрешна сметка. Секогаш кога излегуваме во јавноста во бројки за опомена сме во фаза на подготвување на документите. Граѓаните имаат опција да ја проверат состојбата и преку електронските сервиси кои ги отворивме неодамна. Оние кои имаат проблем, ги повикуваме да дојдат во управата и да ги донесат докази за платени сметки – изјави Новаковиќ.
Трошоците кои произлегуваат од присилната наплата, ја цицаат сметката на граѓаните неколкукратно.
Според Законот за даночна постапка, побарувањето кое треба да биде наплатено во присилната наплата се зголемува за еднократна посебна такса во висина од 5 насто од износот кој треба да биде наплатен и паѓаат на товар на должникот.
Сумата за извршување на решение за присилна наплата еднократно или до три рати чини околу 1.500 денари, во зависност од банката. Доколку се случи сметката на физичко лице да биде блокирана, за нејзино одблокирање се плаќа околу 400 денари. Граѓаните од својот џеб плаќаат и камати, извршители, изготвување извештај, налог за извршување, записник и заклучоци.
УЈП уште во средината на јуни објави на својот сајт предупредување за 31.600 фирми и над 100 илјади граѓани да ја платат радиодифузната такса.
– Доколку фирмите и граѓаните не го платат долгот во рок од една недела од денот на приемот на опомената, УЈП ќе почне постапка за присилна наплата на долговите, при што трошоците за постапката паѓаат на товар на обврзникот – наведуваат од УЈП.
За избегнување на трошоците и мерките за присилно наплатување на долговите, од УЈП апелираат обврзниците во најкраток можен рок да извршат нивно плаќање.
Петар Клинчарски