Британски борбени авиони од типот „Торнадо“, опремени со специјални радари, ќе бидат стационирани во базата „Акротири“ на островот Кипар, со цел евентуално да бидат употребени во операциите за пружање помош на христијаните во северен Ирак, соопшти британската Влада.
Ловците се очекува да полетаат од воздухопловната база „Норфолк“. Авионите ќе бидат употребени за изведување поефикасна контрола врз реоните во кои ќе бидат доставувани хуманитарните пратки.
Во британската база „Акротири“ на Кипар минатиот викенд веќе пристигнаа два транспортни авиони „Ц-130 Херкулес“, што беа употребени за доставување хуманитарна помош во реоните од северен Ирак каде илјадници луѓе бараат спас од џихадистите.
Британската Влада прецизира дека мисијата на авионите не претставува воена интервенција во Ирак и дека тие ќе бидат искористени доколку се укаже потреба од поддршка на хуманитарната операција во оваа блискоисточна земја.