Франција е подготвена да им помогне на ирачките курди кои војуваат против џихадистите од Исламската држава, за да ја блокираат исламистичката офанзива, јавува дописникот на МИА од Париз.
Ова произлегува од соопштението на Елисејската палата по разговорот на претседателот на Франција Франсоа Оланд со лидерот на Курдите во Ирак, Масуд Барзани.
„Прогонот на религиозните малцинства од страна на терористичките групи, претставува злосторство од крајна сериозност. Шефот на државата ја потврди подготвеноста на Франција да пружи поддршка на силите кои се ангажирани во оваа борба“ – се вели во соопштението.
Од своја страна шефот на француската дипломатија Лоран Фабиус, изјави дека Франција е „загрижена“ од напредувањето на џихадистите на Исламската држава на северот од Ирак и „злосторствата“ против цивилното население. Засега не се даваат повеќе детали од страна на Париз за евентуалното воено ангажирање на Франција во Ирак.