Либискиот главен град Триполи синоќа целосно останал без електрична енергија, а причините за прекинот се уште не се познати, објавија арапските медиуми.
Од 13 јули во Триполи не стивнуваат борбите за контрола врз меѓународниот аеродром меѓу спротивставените вооружени милиции.
Во судирите досега се убиени околу 200 лица, а стотици се повредени. Огромни нафтени резервоари се уништени и горат покрај патот за аеродромот во Триполи, а пожарникарите не можат да ги изгаснат веќе 11 дена.
Според телевизијата „Ал Арабија“, нема струја и во Бенгази, кој е втор град по големина во земјата, а исто така и во градот Аџдабија.
Телевизијата објави и дека жестоки борби се водат во близина на градот Завија, на средоземноморскиот брег западно од Триполи.
Поради влошување на ситуацијата во Либија голем број меѓународни организации и дипломатски мисии одлучија да ја прекинат својата работа и да ги евакуираат својот персонал и граѓаните од оваа земја.