Во Дебар е воведена рестрикција на водата за пиење, пет часови во текот на денот и шест ноќе.
Како што соопшти Дебарското комунално претпријатие, рестрикцијата се воведува поради злоупотреба на водата од корисниците за наводнување градини, миење дворови, тротоари, па дури и улици.
– Вода има доволно. Во градскиот резервоар доаѓаат 130 литри во секунда, но, поради големата злоупотреба од корисниците, и покрај сите преземени мерки, бевме приморани да веведеме рестрикција, изјави Мазлум Леши, директор на ЈКП „Стандард“.
Според него, водата што доаѓа во резервоарот е доволна за град со 70 илјади жители, а Дебар нема повеќе од десет илјади.
– Имаме најквалитетна вода во Македонија, но таа се злоупотребува, а добар дел од корисницирте и не ги подмируваат сметките. На име потрошена вода и подигнат смет ни должат милион евра, додава Леши.
Во списокот на должници има и фирми што не платиле и по 30 илјади евра. Многу се оние чиј долг е три, пет и повеќе илјади евра. Меѓу граѓаните, пак, има лица што се имотни, носители на функции, општински советници, лекари, професори, биснизмени,…, со неплатен долг и од преку 2.000 евра.
Наспроти нив најредовни се пензионерите и граѓаните со помали примања од оние кои, како што вели Леши, живеат на висока нога.
Вработените во претпријатието, поделени во групи, почнаа да ги опоменуваат должниците непосредно во нивните домови. Доколку не ги подмират сметките, ќе бидат исклучени од водоводната мрежа.