Годинашната традиционална парада „Прајд“ денеска ќе мине по улиците на шведската престолнина Стокхолм по 17-ти пат, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Пријавени се 153 групи, а организаторите на стокхолмскиот Прајд годинава очекуваат рекорден број учесници.
– Толку многу учесници никогаш не сме имале, а освен тоа станува збор за мошне големи групи што ќе учествуваат во парадата – вели Фред Грип, еден од организаторите на Прајд-парадата во Стокхолм.
Меѓу новите учесници годинава се и спортски секции на Фудбалскиот клуб „АИК“ од Стокхолм и на „Кируна ИФ“.
Фред Грип верува дека и поради убавото сончево време во Стокхолм може да се очекува и рекордно голема публика.
Во изминатите години вообичаено околу 600.000 лица ја следат Прајд-парадата во главниот град на Шведска, јави Шведската телевизија СВТ.