Министерот за здраство Никола Тодоров денеска го посети целосно реконструираното Физикално одделение при Велешката општа болница.
Тодоров во придружба на неговиот заменик Јовица Андовски, на директорот д-р Атанас Василев и велешкиот градоначалник Славчо Чадиев, направи увид во изведбата на работите, за кои Министерството издвои околу 5 милиони денари.
– Ова одделение изградено во 1910 година со децении не било реконтруирано и затоа беше во многу лоша инфраструктурна состојба, а на што ми посочија лекарите при една моја посета на Велес. Тие се жалеа дека условите за работа се неповолни и за медицинскиот тим и за пациентите кои тука доаѓаат. Јас веднаш направив увид и решив дека му е потребна итна реконструкција и еве денеска одделението е целосно реконструирано, потенцира Тодоров.
Тој информира дека е набавен и еден нов апарат, а ќе се набават и останати апарати и реквизити за рехабилитација и лекување на пациентите. Воедно од октомври најави и реконстрикција на Одделението за трансфузиска медицина, кое според него е во многу лоша состојба и треба да биде реконструирано до почетокот на идната година.
Директорот на ЈЗУ Општа болница – Велес д-р Атанас Василев информира дека новиот апарат што е набавен е БНР 4000 премиум со шест струи и може да опслужува двајца пациенти. Воедно Василев најави наскоро набавка и на дополнителна апаратура за физикалното одделение, како и на сите потребни реквизите за рехабилитација.
Одделението располага и со 24 болнички кревети. – Работата од денеска на оваа одделение во нови реконструирани простории и нова апаратура во многу ќе прионесе за услугите на персоналот,а што ќе значи и задоволни пациенти потенцира д-р Василев.
Тој информира дека во последниве шест години во велешката болница вработиле 23 доктори и дваесетина сестри.
Најави вработување и на нови доктори, како и усовршување на персоналот во странство и тоа двајца доктори во Германија и двајца во Белград, кои кога ќе се вратат ќе придонесат да се зголеми квалитетот на услугите.
– На ова Физикално одделение моментално работи само еден физијатар и доаѓаат на испомош двајца доктори специјалисти од Кавадарци, а од септември ќе дојде да работи уште еден специјалист физијатар. Средно стручен медицински персонал имаме доволно, рече директорот д-р Василев.