Исламистичките милиции во Бенгази тврдат дека тие го собориле авионот-ловец, за кој претходно беше соопштено дека денеска се урнал во источниот либиски град каде што се водат тешки борби меѓу силите на поранешниот генерал Халифа Хафтар и исламистичките милиции, вклучувајќи со воени авиони и ракети.
Според лекарите во градот во изминатото деноноќие се убиени најмалку 30 лица.
Мохамед Хегази, портпарол на т.н. Национална армија на генералот, кој не се потчинува на Владата во Триполи, изјави дека ловецот се урнал поради технички дефект.
Но официјалната Фејсбук страница на Советот на револуционерите од Бенгази, ја презеде одговорноста за „соборување на авионот како одговор на ноќните бомбардирања на нивни позиции од Хафтар и неговите следбеници“.