Пожарот кој зафати два резервоара за гориво во близина на Триполи е надвор од контрола поради судирите кои се водат во близина, соопшти Либиската национална нафтена компанија и повторно побара меѓународна помош.
– Пожарникарите го напуштија местото. Ситуацијата е надвор од контрола, изјави портпарол на компанијата, Мохамед ал Храри.
Либиската Влада апелираше до населението, кое живее во радиус од три километри, веднаш да го напушти регионот.
– Постои ризик од огромна експолозија која би можела да предизвика штета од три до пет километри. Пожарникарите со часови се обидуваа да го изгаснат огнот, но без успех. Нивните резерви со вода беа потрошени и мораа да заминат. Единствена опција е интервенција од воздух, посочи ал Храри, додавајќи оти неколку земји понудиле канадери.
Вториот резервоар се запали попладнево, а првиот резервоар, со шест милиони литри гориво, се запали вчера, кога врз него падна ракета истрелана од ривалските паравоени формации, кои веќе две недели се борат за контрола на аеродромот. Складиштето е на околу 10 километри од главниот град на Либија, Триполи.