Најмлаку 38 лица, меѓу кои повеќето војници, загинаа во последново деноноќие во судири меѓу либиската армија и исламистичките групи во градот Бенгази во источниот дел на Либија, соопшти воен претставник.
Судирите започна вчера, кога исламистите го нападнаа Штабот на една специјална армиска единица во центарот на Бенгази.
Одговорност за нападот презеде организацијата Совет на револуционерите од Бенгази, која обединува повеќе исламистички милитантни групи. Припадници на Советот изминативе недели извршија серија напади врз воени објекти во реонот на Бенгази и презедоа дел од нив.
Претставник на медицинскиот центар во Бенгази соопшти дека во судирите во последниве 24 часа биле повредени најмалку 65 лица. Поголемиот број од нив се војници, но има и цивили.
Засега нема информации за бројот на жртвоте во редовите на исламистите.
По интензивирањето на судирите во Либија, повеќе западни држави апелираа до своите граѓани да ја напуштат земјата. Последни тоа денеска го направија Велика Британија и Германија.