Во рамки на италијанското претседателство со Европската унија, претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Ермира Мехмети денеска учествуваше на Конференцијата на претседателите на комисиите за европски прашања на земјите-членки на ЕУ- КОСАК, што се одржува во Рим, Италија.
На конференцијата, која ја отвори претседателот на италијанскиот Сенат, Пиетро Грасо, за претстојните приоритети на италијанското претседавање со ЕУ, говореа потпретседателот на Европската комисија Марош Шевчовиќ и Сандро Гоци, потсекретар во Владата на Република Италија, задолжен за европски прашања.
Двајцата воведничари, како што соопшти македонското Собрание, ги потенцираа италијанските приоритети за време на ова претседателство со ЕУ, при што како поважни беа посочени реализирањето на програмата Европа 2020, надминување на економската и финансиската криза, вработувањето и социјалната димензија на овој проблем, енергетиката, како и прашањето за проширувањето на ЕУ.
Во врска со проширувањето, Мехмети имаше свое излагање во кое го потенцира значењето на продолжувањето на процесот на придружување на земјите-кандидати за членство во ЕУ, како важен процес за земјите од Западен Балкан, кој е неопходен за стабилност и мир во регионот. Притоа, како што стои во соопштението, таа истакна дека придружувањето кон ЕУ е силен мотив и двигател на европските реформи во сите области во регионот и изрази надеж дека за Македонија во следните шест месеци ќе има напредок во евроинтеграциските процеси.
Осврнувајќи се на прашањето за проширувањето на Европската унија, потпретседателот Шевчовиќ одговори дека и во наредниот мандат на новата ЕК тоа ќе остане да биде во агендата, но дека и земјите аспиранти за членство во Унијата ќе треба да ги спроведат потребните реформи, пред се во областите на правда, внатрешни работи и безбедност.
Истовремено, во рамките на КОСАК конференцијата, Мехмети учествуваше и на Вториот состанок на претседателите на комисиите за европски прашања на земјите од Јужна Европа на кој беа разменети мислења и ставови за прашањата поврзани со медитеранската димензија на европските политики.
Мехмети го поздрави конституирањето на оваа конференција во јануари годинава во Кипар, а во која членуваат земјите-членки на ЕУ: Бугарија, Хрватска, Кипар, Франција, Грција, Италија, Малта, Португалија, Романија Словенија и Шпанија, а на која првпат Македонија беше повикана да учествуваме заедно со Албанија, Црна Гора, Србија и Турција, во својство на посматрачи, како земји-кандидати за ЕУ членство.
Пратеничката, осврнувајќи се на прашањето на проширувањето во агендата на италијанското претседателство со Унијата, се заложи за додавање нова точка во предложените заклучоци, во која се истакнува европската перспектива на земјите- кандидати за ЕУ членство со цел да им се даде импулс на државите, но и на граѓаните да го задржат моментумот на продолжување на ЕУ реформите.
Предлогот на Мехмети беше поддржан и од претседателката на Комисијата за европски прашања на Албанија, Малјинда Брегу, како и од останатите присутни претседатели на комисиите, по што со гласање беше прифатен и дополнително вметнат во заклучоците на состанокот.