Со цел да се одбележи 22 јули како ден посветен на жртвите на дела од омраза – акција на Советот на Европа, оваа недела (20 јули) Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ и ЛГБТИ Центарот за поддршка организираат настан во Градскиот парк, во 19 часот, насловен „Турлитава‘‘.
-Идејата со која се организира настанот е надминување на меѓусебното непознавање на различните етнички групи во нашата држава, како најчеста причина за создавање конфликтни ситуации, односно ситуации кои водат кон дела од омраза. Цениме дека со организирање пикник на кој ќе бидат претставени вкусни традиционални специјалитети застапени во различните етнички кујни во Македонија (македонска, албанска, турска, влашка, српска, бошњачка, ромска, егејска, еврејска, торбешка и други), во директна смисла ќе се посочи на различноста како можност за споделување. Тоа значи дека различните припадности (на етничка, национална, јазична, религиозна, сексуална и други групи) можат да бидат застапени и можат да опстојуваат заедно и еднакво значајно.
Ве очекуваме, во недела, заедно да го одбележиме европскиот ден посветен на жртвите на дела од омраза. Заедно да ги вкусиме различните традиционални кујни, и заедно да го потенцираме прифаќањето, признавањето и споделувањето. Настанот го организираме со поддршка на „Цивил“, „МОФ“ и „Амбрела“, велат организаторите.