Израелскиот Кабинет за безбедност го прифати предлогот на Египет за примирје со Палестинците, соопшти канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
– Кабинетот одлучи да одговори позитивно на египетската иницијатива за прекин на огнот, се наведува во соопштението.
Египет синоќа предложи привремен прекин на огнот како прв чекор за ставање крај на најновиот израелско-палестински судир, во кој досега животот го загубија 175 лица, а над 1.200 се ранети.
Египетското Министерство за надворешни работи објави план во три точки, што треба да почне со 12-часовен прекин на огнот од страна на Израел и Хамас. Потоа следи отворање на граничните премини и преговори во Каиро меѓу двете страни.
Портпарол на палестинското движење Хамас во Газа изјави дека групата го нема уште официјално добиено предлогот за примирје, повторувајќи го неговиот став дека прво треба да се исполнат неговите барања пред да го предадат оружјето.
Военото крило на Хамас, „Бригадите ал Касам“ меѓутоа го отфрли предлогот за прекин на огнот, оценувајќи го како капитулација.
– Станува збор за капитулација и ние го отфрламе (предлогот) без размислување, наведе во соопштение оваа милитантна група, заканувајќи се притоа со дополнителна ескалација на конфликтот.