Петнаесет полицајци се повредени во немирите што избувнаа ноќеска во центарот на Буенос Аирес по поразот на Аргентина од Германија во финалето на Светското фудбалско првенство во Бразил. При инцидентот се уапсени 40 лица.
Немирите, предизвикани од агресивно настроените навивачи, избувнаа на главниот булевар во близина на 67-метарскиот Обелиск, кој се смета за симбол на аргентинскиот главен град.
Неколку часа претходно на тоа место илјадници луѓе го следеа натпреварот на огромен екран и на крајот повеќето од нив мирно си заминаа.
Но група фанови, незадоволни од резултатот и под дејство на алкохол, започнале да кршат се пред себе. Тие се судриле со полицијата, која морала да употреби солзавец и водени топови.