Околу 200 фудбалски навивачи на репрезентацијата на Гана, побараа политички азил во Бразил, соопшти полицијата во Рио де Жанеиро.
Државјани на Гана во Бразил се влезени со туристички визи, за да ги следат натпреварите од Светското првенство во фудбал што завршува в недела.
Во апликациите за добивање статус на азиланти, сите тврдат дека не сакаат да се вратат во својата земја поради политички причини.
Според објаснувањето дадено на имиграциските власти, Гана се соочува со „силен наплив на муслимани кои потоа потикнуваат меѓурелигиозни конфликти“ во земјата, па тие бегаат од таму загржени за својата безбедност и иднина.
Бразилските власти веруваат дека причините за барањето азил не се политички, туку економски, објаснувајќи го тоа со податокот дека сите апликации се поднесени во јужниот град Кашиас до Сул, во областа Сера Гауча.
Градот и областа важат за најпросперитетниот дел во Бразил, со целосна вработеност, па сега претставуваат магнет за многу странски работници кои сакаат таму да се населат и да работат.
Фудбалските навивачи од Гана разбрале за тоа и сега преку барањето азил се обидуваат да се здобијат со легална дозвола за работа и престој во Бразил.
Бразилските имиграциски власти тврдат дека други илјада државјани на Гана се подготвуваат да побараат политички азил, по завршувањето на Мундијалот.
Во Акра ваквата информација од Рио де Жанеиро е примена со неверување. Властите на Гана тврдат дека како навивачи за Бразил отпатувале само 650 луѓе, па се претпоставува дека другите треба да се од редовите на повеќе официјални делегации кои заминаа да ги бодрат своите фудбалери.
Засега не се знае зашто овие луѓе сакаат да емигрираат од земјата, кога најголемиот дел од оние кои патуваа за Бразил на Мундијалот се подржувачи на владеачката партија.
Во Гана нема меѓуверски судири и земјата важи за една од најмирните и најпросперитетните во Западна Африка.