Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов по критиките за молкот околу протестите за процесот „Монструм“ денеска од Охрид се огласи со свој став. Иванов истакна дека постојано бил во контакт со институциите околу сите настани и ги осуди сите насилни акти на протестите.
„Деновиве сум постојано во контакт со сите надлежни институции околу тие насилни протести. Во координација сме со сите активности кои што се превземаат. Исто така, сите наши служби одговорно си ја вршат работата, а јавноста најверојатно ќе биде запознаена со сите наши анализи. Протести се дозволени секаде меѓутоа насилството никаде не се дозволува и затоа надлежните институции превземаат се да спречат насилство. Сите прашања може да се решаваат преку институциите“, рече Иванов од Охрид.
Тој додаде дека секој кој што смета дека пресудата не е во ред и имаат било какви сознанија тоа можат да го направат преку правно регулиран пат.
„Секој кој што се сомнева во било која активност или дејствие на некоја институција може тоа по регуларно пропишан пат да го оствари. Да оставиме Апелациониот суд да ја испита пресудата и сите што сметаат дека можат да придонесат со нивно осознание и сметаат дека нешто не е во ред тоа можат по правно регулиран пат да го остварат. Гледаме дека едни исти лица кои сакаат да ловат во матно сакаат да освојуваат дневно политички поени и ја користат вознемиреноста кај населението. Сакам да им порачам дена во Македонија има институции кои функционираат и кои се справуваат со сите предизвици. Имало и ќе има такви настани меѓутоа не смееме да создаваме кај населението страв. Тие ја дале довербата во нас кои не избрале и ние сме одговорни пред нив да не дозволиме да се случуваат насилни акти“, додаде Иванов.
Околу изјавите од регионот, како и за палењето на македонското знаме на Косово Иванов потенцираше дека не смеат да заборават што се Македонија има направено околу создавањето на Косово.
„Во Косово со таквите акти, особено со палењето на знамето тие повеќе си наштетуваат самите на себе. Сите знаат што се Македонија нарави да помогне за Косово да ја оствари својата држава. Секој нивни таков насилен акт ќе влијае на нивната претстава како ќе ги гледаат надвор во светот“, изјави Иванов.
Ф.Ј.