Активисти на Гринпис денеска го блокираа пристапот до објкект на американската компанија „Шеврон“ во Романија и ја повикаа романската Влада да и го забрани т.н. фракинг.
Дваесет и петмината активисти на Гринпис од седум држави – Романија, Унгарија, Австрија, Чешка, Полска, Словачка и Германија, облечени во жолти јакни, направија жив синџир пред портите на објектот на „Шеврон“ во романското место Пунџешт, каде американската компанија поставува сонда за истражувања за гас од шкрилци.
Работите за поставување на сондата почнаа минатата година, но повеќепати беа прекинувани поради протестите против експлоатацијата на гас во реонот.
Романија потенцијално поседува 51 билион кубни стапки гас од шкрилци, според оценки на Американската енергетско-информативна администрација (ЕИА).
„Шеврон“ ги има обезбедено сите неопходни одобренија за истражувањата, но локалните жители и екоактивистите се обидуваат да ги запрат, бидејќи стравуваат за животната средина и здравјето на луѓето во реонот.
„Шеврон“ е првата компанија што почна со истражување во Романија и планира да потави уште сонди во оваа членка на ЕУ.
Од компанијата повеќепати уверуваа дека во петгодишниот период на истражување нема да го користат методот на хидраулично разбивање.
На местото на протестот беа испратени неколку полицајци, но тие не презеле никакви мерки против демонстрантите.